Чкртки е првата збирка раскази на Румена Бужаровска објавена во 2007, со поднаслов "Раскази за срамот, стравот и неудобноста". За Чкртки кажаа: Неверојатна е надареноста на Бужаровска да одбере некоја случка од секојдневниот живот, банална во својата суштина, да ја назначи за своја тема, а потоа, низ фантастично детализирана нарација, со кристално јасна и убава лексика, нормални, стварни дијалози или фантастично, од композициски аспект, контролирани монолози, креативно да ве донесе до откровението каде задолжително ќе ви каже: еве зошто ве довлечкав до овде, ова сакав да ви го кажам. А тоа што нѝ го кажува е нејзиниот коментар за одбраната случка, нејзиното видување, кое секогаш е полно топлина, човечност, разбирање на светот и поставеноста на работите во него, разбирање на човекот и неговата (нејзината) психолошка, духовна, емоционална состојба. Збирката раскази "Чкртки" на авторката Румена Бужаровска е едно големо пријатно изненадување кое ќе донесе значително освежување во не многу богатата со квалитетни раскажувачки остварувања македонска книжевност. Драги Михајловски "Чкртки" е мошне кохерентна и внимателно сктруктурирана збирка составена од раскази кои и на тематско и стилско рамниште гравитираат околу истоимениот расказ. Она што ги обединува најго лемиот дел од расказите е сугестивното психолошко профилирање на ликовите исправени пред крупни етички, творечки и животни предизвици и дилеми. Владимир Мартиновски